Септември е идеален месец за ресет: 7 мали навики што можат да ви го подобрат денот

Септември често го доживуваме како втор јануари. Летото завршува, деновите полека се скратуваат, децата се враќаат на училиште, работата повторно влегува во својот ритам, а и ние добиваме потреба да воведеме малку повеќе ред во секојдневието.

Photo by Jason Briscoe on Unsplash

Но, ресетот не мора да значи големи одлуки, строги диети или листа од 20 нови навики. Понекогаш доволни се неколку мали промени што можеме да ги повторуваме секој ден.

Еве седум едноставни навики со кои септември може да стане месец во кој ќе се почувствувате подобро.

Излезете надвор веднаш по будењето

Не мора да одите на долго пешачење. Доволни се 10 до 15 минути на дневна светлина.

Утринската светлина му помага на организмот да го регулира внатрешниот биолошки часовник, а редовното изложување на дневна светлина во текот на денот може да помогне и за подобар сон навечер. Наместо првите минути од денот да ги поминете со телефонот, обидете се прво да излезете на тераса, во двор или на кратка прошетка.

Пешачете без да брзате

Не мора секое движење да биде тренинг. Една прошетка од 20 до 30 минути може да биде доволна за да внесете повеќе движење во денот. Ако можете, оставете го телефонот во џеб и дозволете си едноставно да пешачите.

Редовната физичка активност е поврзана со подобро расположение, подобар сон и бројни придобивки за физичкото здравје.

Направете една пауза без екран

Во текот на денот одвојте барем 15 минути во кои нема да гледате во телефон, компјутер или телевизор. Напијте се кафе, јадете овошје, седнете надвор или едноставно погледнете низ прозорец.

Поентата не е да бидете продуктивни во тие 15 минути. Напротив. Поентата е да му дадете на мозокот краток прекин од постојаниот прилив на информации.

Додадете нешто зелено во секој оброк

Не мора да правите големи промени во исхраната.

Додадете салата, домат, краставица, брокула, зелка, спанаќ или друга зеленчук што го сакате.

Разновидната исхрана богата со зеленчук, овошје, интегрални житарки и други хранливи намирници е една од основите на доброто здравје. Малата промена е полесна за одржување од строгата диета која трае две недели.

Одредете време за легнување

По летниот период, ритамот на спиење често ни е изместен. Обидете се повторно да воспоставите приближно исто време за легнување и будење, дури и за време на викендите. На возрасните најчесто им се потребни најмалку седум часа сон во текот на ноќта. Но, не е важна само бројката. Важни се и редовноста и квалитетот на сонот.

Направете мала вечерна рутина

Не ви треба комплицирана рутина од десет чекори.

Може да биде многу едноставна: туширање, чај, неколку страници книга, растегнување или запишување на три работи што треба да ги завршите утре. Кога истите мали активности ги повторуваме секоја вечер, телото и мозокот полесно препознаваат дека денот завршува.

Секој ден направете нешто само за себе

Ова можеби е најлесната навика за заборавање. Одвојте 20 минути за нешто што не мора да биде корисно. Читајте, слушајте музика, гответе, работете во градината, пишувајте, цртајте или едноставно седете со кафето.

Не мора секоја минута од денот да има продуктивна цел.