Семејство, љубов, работа: 3 работи за среќен живот, кои ни се најважни по коронавирусот

Состојбата во која се наоѓаме го менува целосно начинот на којшто функционираме. Имаме време да размислиме за многу работи, а меѓудругото и за тоа кое е значењето на среќен живот?

Можеби не можеме да дојдеме до одговорите во оваа ситуација, поради сета неизвесност, но имаме можност да размислиме за тоа што навистина нè прави среќни.

Се чини дека претходно живеевме во постојано брзање и хаос, без да застанеме и да размислиме која е нашата цел и кои се работите кои вистински ни носат среќа.

Семејството

Немавме премногу време за блиските. Тие кои имаат семејство доаѓаа дома, давајќи им ги своите електронски уреди на своите деца, додека ги завршуваа обврските за домот, а потоа одеа на спиење. Контактот беше минимален, сведен на дружење за викенди. Ретко се јавувавме кај своите родители, се жалевме дека постојано нè гњават, дека не можеме да ги слушаме. 

Но, во овие мигови сфаќаме колку ни е важно да сме еден покрај друг и колку многу ни е важно здравјето на нашите блиски.

Љубов

Не мора да објаснуваме колку е важна љубовта за нашата благосостојба. Но, не зборуваме само за романтична Холивудска љубов, туку за љубовта кон нашите најблиски, за поддршката која ја добиваме во рамки на таа љубов и чувството на мир кое ни го дава таа. 

Многу истражувања покажуваат дека квалитетот на нашите односи со другите луѓе е еден од најзначајните фактори за добросостојба. Луѓето кои се поврзани со своето семејство, пријатели и партнери се посреќни, поздрави и живеат подолго, истакнува психотерапевтот др. Роберт Валдингер.

Работа

Работата игра важна улога во нашиот живот. Нема потреба да се каже дека невработеноста или пак лошата работа можат да донесат стрес и да имаат долгорочни ефекти на нашето здравје. 

Не е важно каква работа работиме, туку какво чувство ни дава таа.

Затоа, време е да се запрашаме, на што обрнуваме внимание и како ќе изгледа нашиот живот после сето ова? За што се грижиме, а не треба, а и на што треба да обрнеме поголемо внимание. На нас останува да го направиме тој избор.