Села за МИА: Али Ахмети и ДУИ се сезонски Албанци

Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци. ДУИ преку предлогот Албанец премиер сака да опстои и да ги задржи гласачите што ги имаше, со што загубата на изборите да не им биде голема. Ова во интервју за МИА го изјави претседателот на Алијанса за Албанците Зијадин Села, прашан да ја искоментира изборната стратегија на ДУИ за премиер Албанец.

– Мислам дека не е првпат, ова јас го предвидував и најавував за време на локални и претседателски избори. Тогаш ние поддржавме кандидат Албанец за претседател, a Али Ахмети тогаш се шегуваше со нашиот предлог, иако целта наша беше албанските гласачи да ги држиме во албанските политички партии. Од друга страна, јас уште тогаш имам најавено дека ќе ги гледате овие факултативни Албанци. Али Ахмети и ДУИ се факултативни Албанци, сезонски Албанци, кога на локални избори не им пречи со Љубе Бошковски или со кој било  да одат заедно и да се повикуваат на граѓанството. На претседателските избори, бидејќи знаеја дека длабоко ќе губат на тие избори ако излезат со нивен кандидат, правеа кампања и во првиот круг го поддржаа кандидатот на СДСМ. Уште тогаш најавив дека кога ќе дојдат парламентарните избори тие веднаш ќе станат големи патриоти, што не се. Ниту големи Албанци, не се, оцени Села за МИА.

Според него, предлогот на ДУИ излегол по анкетите на ИРИ, според кои, како што кажа Села, ДУИ бил зад Алијанса за Албанците.