Секој од нас има своја приказна...

Секој од нас има своја животна приказна. Сите посакуваме да се појави нешто што ќе ја осветли нашата приказна, да ни го осветли срцето и душата. Сите посакуваме луѓе кои ќе нe’ разберат и ќе направат да бидеме подобри луѓе. Сите сакаме некој да ја пополни празнината во нас. Празнини кои ни создаваат болка. 

Се даваме себеси на другите, за тие да ни дадат дел од себеси, да ни помогнат да ја избришеме болката. Она што другите ќе го направат не зависи од нас. Колкав дел од себе ќе ни дадат, не зависи од нас. Колку љубов имаат за нас, не зависи од нас. Ако нивната љубов е мала, не очајувајте. Ако ни го свртат грбот, не очајувајте. Ако сте им верувале, а тие ве предале, не очајувајте. Не очајувајте... Вистината ослободува!

Сите имаме тешки времиња во животот. Како ќе го преживееме тоа зависи од нас. Какви одлуки ќе донесеме, зависи од нас. Какви луѓе ќе бидеме, зависи од нас. Се’ зависи од она што е во нашето срце. Болката и суровоста на светот е насекаде околу нас. Луѓето знаат да бидат сурови. Луѓето знаат да не’ повредат и да ни го свртат грбот. Луѓето ги прават своите избори. Луѓето ги носат своите одлуки. Не е до нас, тоа се нивни избори. 

И забораваме да летаме... Паѓаме... Има времиња кога не можеме да дишеме... Има времиња кога се чувствуваме лошо... Плачеме, лееме солзи, затоа што никој не знае што чувствуваме. Се’ е бескорисно. Се’ е празно. И никако да научиме, и никако да се навикнеме...

Разочарувања... Болка, болка која не’ фрла на дното, но нема да не’ уништи. Можеби и ќе направи да бидеме посилни. Остава трага на душата, но прави да бидеме посилни за повторно да летаме, повторно да дишеме со полни гради. Уште поголема желба да живееме. Да ги живееме нашите животи и нашите приказни со своите чувства и траги кои останале во нас. Да живееме без оние кои не’ напуштиле, повредиле, нанеле болка... Да живееме, а да не ги осудиме дури ни со шепот. Да живееме и да не бидеме жртва на она што останало зад нас.

Секој од нас има своја приказна.

~ Зоја