„Секој нов велосипед на улиците значи помалку загадување“ - Општина Гази Гази ги додели субвенциите

Општина Гази Баба ги додели решенијата за субвенции за набавка на велосипеди, со што продолжува поддршката на граѓаните преку мерки насочени кон подобрување на квалитетот на животот и заштита на животната средина.

Градоначалникот Бобан Стефковски истакна дека општинскиот буџет е буџет на граѓаните и дека средствата се трошат рационално и одговорно, со цел да се создадат повеќе можности и директна поддршка за жителите.

Според него, субвенциите не претставуваат само финансиска помош за купување велосипед, туку и инвестиција во поздрави животни навики, намалување на загадувањето и подобрување на сообраќајната култура.

„Секој нов велосипед на улиците значи помалку загадување, помал сообраќаен метеж и поголема грижа за здравјето на граѓаните“, порачаа од општина Гази Баба.

Од локалната самоуправа најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со реализација на мерки и проекти кои носат директни придобивки за граѓаните, со фокус на транспарентно управување и вложувања што создаваат долгорочна вредност за заедницата.

На добитниците на субвенциите им беа упатени честитки и желби за безбедно и пријатно користење на новите велосипеди.