Седницата на економскиот совет во Владата без резултати - не се донесоа антикризни мерки

Не се усвои пакет економски мерки за помош на стопанството и граѓаните, на денешната седница на економскиот совет во Владата.

Јавноста очекуваше советот да излезе со пакет мерки, но на состанокот инволвираните страни се согласиле дека ќе се договорат, но конкретно решение нема. 

Рокот поставен од стопанствениците беше до денешниот ден, најавувајќи дека во спротивно голем број претпријатија ќе мора да бидат затворени. Бизнис секторот и владата се договорија да донесат мерки најдоцна до идната среда или до крајот на оваа недела. 

Инаку, барањата на бизнис секторот и синдикатите сега се проширени. Се бара намалување на цената на електричната енергија, односно освен замрзнување на маржите на трговците со струја, да бидат донесени и други мерки и помош за компаниите кои произведуваат основни производи, кои во минатиот период значително поскапеа.

Барањата на Синдикатот се повторно враќање на платежната картичка за купување основни производи. Бараат мерки за ублажување на ценовниот шок, оценувајќи дека во спротивно работниците нема да може да ги издржат цените кои постојано растат.