Седмооделенците ќе имаат општествено-корисна работа, гимназијалците ќе учат по нови програми - Тримчевска за Скопје Инфо за новините во образованието

Денеска започнува новата учебна 2025-2026 година. Надлежните од Министерството за образование ги соопштија новините со кои ќе стартува новата наставна година, а кои несомнено се предизвик за учениците и родителите, како и за наставниот кадар. 

Образованието е клучен сегмент за развојот на секое општество, а во последните години сѐ почесто сведочиме на низа измени во оваа сфера. Надлежните уверуваат дека постојано се работи на унапредување на системот, иако родителите и учениците често се соочуваат со неизвесност. Скопје Инфо подготви приказ за новитетите што ги носи македонскиот образовен систем во претстојната учебна година.

Директорката на Бирото за развој на образованието, Милка Тримчевска, вели дека новата учебна година започнува со значајни новини кои ќе придонесат за поквалитетно образование и подобро ученичко искуство.

Новитети за седмоодделенците

Учениците од седмо одделение ќе учат по нови наставни програми, изработени според современи педагошки пристапи. За нив се обезбедени нови учебници, а наставниците веќе се обучени за нивна примена. За првпат, седмоодделенците ќе учествуваат и во активноста општествено-корисна работа, за која е изработена посебна програма со поддршка за наставниците. Дополнително, се воведуваат и нови изборни предмети што учениците самостојно ги избираат според своите интереси, што ја збогатува понудата и ја зголемува мотивацијата за учење.

Нови програми за „гимназијалците“

- Во средното образование, особено во гимназиското, од оваа година учениците во прва година ќе учат по целосно нови наставни програми, изработени за првпат по повеќе од 25 години. Тие се базирани на резултати од учење, со јасно дефинирани стандарди за оценување, активности за развивање критичко размислување, проектна работа и истражување. Паралелно со наставните програми, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука изработија низа подзаконски акти, упатства и алатки за поддршка, со цел да се создаде средина што ќе биде поддржувачка, мотивирачка и функционална – во интерес на децата, наставниците и родителите, појаснува директорката на БРО, Тримчевска, и додава:

- Новите програми се усогласени со современите педагошки пристапи, поставени на резултати од учење, со јасни стандарди за оценување и активности што поттикнуваат критичко мислење, истражување, проектна работа и меѓупредметно поврзување.

Зголемен интерес за стручно образование

Кога станува збор за интересот за стручно образование – во последните години тој е зголемен. Според Тримчевска, тоа е очекувано.

- Учениците и нивните семејства се сѐ повеќе свесни за потребите на пазарот на труд и се ориентираат кон профили кои нудат поголема можност за вработување или самовработување. Тоа е позитивен сигнал – дека образованието полека станува сѐ поусогласено со економските реалности и личните аспирации на учениците.

Македонија „цели“ кон едносменска настава

Во однос на едносменското работење, надлежните од Министерството за образование потенцираат дека целта е сите училишта во земјава да преминат кон едносменска настава, но за тоа недостигаат училници и се работи на решавање на ова прашање.

Директорката на Бирото за развој на образованието, Тримчевска, смета дека преминот кон едносменско работење е една од приоритетните цели во реформските процеси во образованието, но таа цел бара сериозно и одговорно планирање.

- Во тој контекст, Бирото за развој на образованието ќе подготви програма за поддршка на наставниците и училиштата во организацијата на наставниот процес во услови на едносменско работење. Таа програма ќе се однесува на планирање на активности пред и по наставата, на развој на наставни и воннаставни содржини, како и на методи за активно учење, искуствено учење, проектна работа и други пристапи кои го користат времето во училиштето на најдобар можен начин – во интерес на холистичкиот развој на учениците, појаснува Тримчевска.

Истовремено, и воведувањето на продолжен престој и продолжена настава е еден од стратешките чекори во унапредување на квалитетот на воспитно-образовниот процес.

- Целта не е само учениците да останат подолго во училиштето, туку тоа време да биде квалитетно поминато, соодветно структурирано и исполнето со активности кои ќе придонесат за нивниот целокупен развој – академски, социјален, емоционален и физички. Од страна на Бирото ќе се развијат насоки и програми за реализација на продолжена настава, со предлози за тоа како таа да изгледа во различни контексти – од урбани до рурални средини, во услови со ограничени капацитети или со силна поддршка од заедницата. Ова е процес кој бара имплементација фаза по фаза, но веруваме дека придобивките за учениците се значајни – поконзистентно учење, поддршка при совладување на материјалот, вклученост во активности кои поттикнуваат љубопитност, соработка, креативност и здрави навики, вели Тримчевска.

Поддршка за подобри резултати на тестирањата

Во однос на меѓународните тестирања и резултатите од државните тестирања, кои континуирано покажуваат дека нашите ученици имаат слаби постигања, особено во делот на критичкото размислување, директорката на БРО, Тримчевска, смета дека наставните програми се веќе усогласени со меѓународните стандарди и се базирани на резултати од учење, но, како што вели, јасно е дека само тоа не е доволно.

- Секако дека овие резултати треба сериозно да се земат предвид. Но, важно е да се нагласи дека зад ваквите статистики не стои само еден проблем, туку повеќе фактори кои влијаат на постигнувањата на учениците. Затоа, градиме поддршка – преку континуирани обуки на наставниците, изработка на упатства и едукативни ресурси, како и промовирање на наставни практики кои поттикнуваат истражување, анализа и логичко размислување. Но, истовремено и самите ученици треба да пристапат посериозно, особено кога станува збор за меѓународни тестирања – бидејќи често не ги сфаќаат како обврска што им носи директна оценка, па и мотивацијата за реален ангажман знае да изостане. Потребен е системски пристап: наставниците, учениците, родителите и институциите сите имаат своја улога. И ние, како Биро, ги преземаме чекорите што се во наша надлежност, но потребна е поширока ангажираност и поддршка за резултатите навистина да се подобрат, децидна е таа.

Според досега доставените податоци од општините, учебната година ја започнуваат 245.000 ученици, односно 177.800 основци и 67.200 средношколци.