Се запали двокатен автобус на ЈСП на Водно, возачот го оддалечил од шумата за да спречи поголем пожар

Двокатен автобус на ЈСП, кој сообраќал на линијата број 25, се запалил денеска при враќање од Средно Водно. Во моментот на избувнување на пожарот во автобусот немало патници, а возачот не е повреден.

Директорот на ЈСП информира дека пожарот избувнал веднаш откако автобусот ги оставил патниците и тргнал надолу од Средно Водно. Возачот успеал да го оддалечи возилото од шумскиот појас за да спречи евентуално ширење на огнот кон вегетацијата.

„Нема жртви. На лице место сум, автобусот е изгаснат. Само што тргнал возачот надолу, откако ги оставил патниците, автобусот се запалил. Возачот го дислоцирал подалеку од шумата за да не дојде до пожар. Горниот кат е целосно изгорен. Долу моторот е здрав. Полицијата и пожарната се на терен“, изјави директорот Илиевски.

Командирот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Ѕвонко Томевски, информира дека во интервенцијата учествувале две противпожарни возила и седум пожарникари.

„Автобусот е изгаснат. Нема повредени патници, а возачот е во добра состојба. Причините поради кои автобусот се запалил ќе ги утврдува полицијата“, изјави Томевски.

Во пожарот целосно изгорел горниот кат од двокатниот автобус, додека според првичните информации моторниот дел не бил зафатен.

На местото интервенираа и полициски екипи. Причината за избувнувањето на пожарот засега не е позната и ќе биде предмет на понатамошна истрага.