Се вратија дома Македонците кои беа евакуирани од Авганистан

На Меѓународниот аеродром во Скопје синоќа пристигнаа 30 наши државјани кои беа евакуирани од Авганистан. Според Министерството за надворешни работи,  сите македонски граѓани се безбедно евакуирани и се очекува многу скоро да пристигнат дома. Во земјава од Авганистан ќе бидат преземени 650 граѓани. Надлежните институции ги разгледуваат сите оперативни аспекти за привременото сместувањето на овие лица во хотели и мотели, до трансферот до нивните крајни дестинации како што се САД или трети земји, за што трошоците ќе бидат покриени од меѓународните организации.

Нашите граѓани кои синоќа пристигнаа во Скопје по евакуацијата од Авганистан беа сместени во воената база на САД во Доха, Катар. Од таму беа транспортирани во Истанбул па со комерцијален лет на  Меѓународниот аеродром во Скопје. Како што изјавија, тие работеле во воена база во близина на аеродромот во Кабул и биле навремено извлечени од таму прво во Доха, каде со помош на нашиот амбасадор Шабан Јашари во овој град успеале да заминат за Истанбул, а од таму во Скопје.

Во Владата вчера се одржа координативен состанок со сите вклучени чинители во хуманитарната меѓународна мисија за спасување на цивилно мирољубиво население од Авганистан.

-Владата до овој момент презеде обврска за прифаќање на околу 650 граѓани, локално население од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија, соопшти владината прес-служба по состанокот.

Како што информирал премиерот Зоран Заев  последното прифатено барање за обезбедување помош за спасување и прифаќање граѓани е дадено на Меѓународната асоцијација на новинари (IFJ) за 15 новинари, медиумски работници и членови на нивните семејства, со што вкупната бројка на медиумски работници и членови на нивни семејства кои ќе бидат згрижени во нашата земја ќе достигне над 80.

Плановите за прифаќање и помош на граѓаните кои се очекува да пристигнат во следните денови ги презентирале и претставниците на Црвениот крст.

-Црвениот крст заедно со останатите меѓународни организации ќе обезбедат соодветни информации, превод и комуникација со лицата согласно нивните потреби, основни средства и пакети за хигиена, како и задоволување на сите медицински потреби на лицата во координација со Министерството за здравство, како и средства за комуникација и одржување на работните потреби на луѓето, рекреативни активности и активности за целокупна поддршка на луѓето и децата во овој период, информираа од Владата.