Доколку денес до 16 часот не добијат писмена согласност за нивните барања од директорите на М- НАВ, контролорите на летање ќе ја остварат најавата и на 12 октомври ќе стапат во штрајк, информира за „Слободен печат“, Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори за летање. Тоа значи дека нема да се опслужуваат воздухоплови на аеродромите во Скопје и Охрид.
- Во исто време ќе се опслужуваат само 50 отсто од прелетите над нашата земја, додека другите ќе не заобиколуваат. Изминативе денови имало интензивните разговори меѓу синдикалците и раководството на М-НАВ, како и ветување дека ќе се потпише рамковна спогодба за барањата на контролорите, но тоа не се реализира, потенцира Тасевски.
Инаку, како што претходно беше најавено, протестот е поради непрофесионалното однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, а на кои се укажувало долго време, а за проблемите го информирале и Министерството за транспорт и врски.
- Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор пак за дополнителни вработувања – на почетокот на месецов изјави за МИА, Тасевски.
Едно од барањата на Синдикатот на контролори на летање е и да се ангажира надворешна фирма што ќе врши анализа за тоа кои служби и кадри се потребни, а која во иднина би била поткрепа при, како што велат, неоснованите постапки од страна на раководството.
Контролорите за летање реагираат и за застарената опрема која, како што велат, откако е инсталирана во 1999 година, досега само се одржува, иако треба да се менува на секои седум години. Поради ваквата состојба на опремата, како што укажа претседателот на Синдикатот, годинава биле воведени рестрикции и не биле прифаќани поголем број на авиони за прелет.