Сè уште нема договор со приватните превозници, за утре најавуваат блокади во главниот Град

Веројатно е дека од понеделник Скопје ќе биде под целосна блокада. Данела Арсовска, граноачалничката на Скопје вели дека по одлуката на приватните превозници да се прекине јавниот превоз, договорот со нив се смета за раскинат и таа одлука е конечна. Според неа, приватните превозници со одлуката за прекинот на јавниот превоз, одлучиле и да им ја укинат автобуската услуга на граѓаните.

„Можности за враќање назад, не постојат. Има нов јавен повик, на новиот јавен повик сите оние кои ќе сакаат чесно да работат и оваа јавна услуга да ја овозможуваат до граѓаните ќе имаат можност да си се пријават и да можат да си ја обавуваат дејноста којашто ја обавувале претходно, меѓутоа без да има можности за вакви манипулации како што имаше претходниот период“, изјави градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Од Град Скопје претходно најавија дека од следната недела ќе биде објавен јавен повик на кој ќе можат да се пријават сите приватни превозници, со цел поголема транспарентност на процесот и полесно разрешување на потенцијални проблеми.

Првата блокада на приватните превозници се одржа на 28 ноември на крстосницата кај ТЦ „Мавровка“, кога околу 30 автобуси на „Слобода превоз“ и „Мак-експрес“ беа паркирани на булеварите „Гоце Делчев“ и „Крсте Петков Мисирков“, со барање „да им бидат исплатени долговите за да можат да почнат повторно со работа“.

„Нека бркаат криминал и нека воведуваат концепт. Но компролисот е дотогаш да биде обезбеден нормален превоз за да не трпат штети граѓаните. Имаме право на протест, како што се протестира и во западните земји. Но, таму нема закани и покажување на сила кон превозниците. Ако треба да се покажува кој е посилен, тоа не е добар пат. Не бараме ништо повеќе од тоа што ни следува. Но компромисно, можно е да добиеме дел од долгот, од парите што ние сме ги заработиле. Градот, всушност, не функционира. Се обративме секаде и во Владата и на други места, но Данела Арсовска може целиот проблем да го реши со еден потег“, рече Ленин Јовановски.

Во петокот просетантите ги отстранија автобусите од „Илинденска“, но ако нема договор за тек на викендот ќе има блокади в понеделник, најавија тие.