Се сомничат дека проневериле речиси 80 милиони денари од Државна лотарија – при претресите пронајдени злато, скапи часовници и чанти „Хермес“, „Луј Витон“ и „Диор“

Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против две службени лица вработени во Државна лотарија, поради сомнение за проневера во службата и фалсификување или уништување деловни книги.

Според Финансиската полиција, станува збор за А.Н., директорка на Секторот за финансии и сметководство, и Д.Д., вработена како шеф на финансиски работи.

Тие се сомничат дека во текот на 2024 година не го уплатиле на трансакциските сметки на Државна лотарија целиот дневен промет од сопствените продажни места во износ од 46.038.720 денари, а дополнително од банкарските сметки на друштвото подигнале уште 33.950.724 денари.

Според пријавата, паричните средства во вкупен износ од 79.989.444 денари противправно ги присвоиле, со што, според Финансиската полиција, на Државна лотарија ѝ била причинета штета од речиси 80 милиони денари.

Од Управата наведуваат дека со цел да го прикријат недостигот, осомничените префрлале средства меѓу банкарските сметки на друштвото, креирале налози и реализирале уплати и исплати со кои лажно прикажувале финансиски трансакции.

Истовремено, според пријавата, изготвувале и користеле невистинита финансиска и сметководствена документација, евидентирале фиктивни касовни исплати и ги раскнижувале спорните средства на различни сметководствени конта, со што се прикривал нивниот недостиг во деловните книги.

Во рамки на истрагата, по наредба на суд и под раководство на јавен обвинител од ОЈО Скопје, вчера биле извршени претреси на пет локации – четири во Скопје и една во Валандово.

При претресите биле пронајдени и одземени оригинална сметководствена документација поврзана со Државна лотарија, мобилни телефони, лаптопи, USB-уреди, надворешни хард-дискови и друга електронска опрема.

Полицијата одзела и парични средства, злато и златен накит, накит од „Сваровски“, часовници со поголема вредност, како и брендирани чанти од „Хермес“, „Луј Витон“, „Диор“ и други светски производители.

Дополнително, надвор од една од претресуваните локации, во соседен двор, била пронајдена и фрлена документација за која надлежните сметаат дека е од интерес за постапката.

Двете пријавени лица се лишени од слобода.

Од Финансиската полиција посочуваат дека предметот произлегува од наодите на ревизијата што Државниот завод за ревизија ја спровел во Државна лотарија.