Се реконструираат водоводните мрежи во Општина Центар

На две локации на територијата на општина Центар се врши реконструкција на постоечките водоводни мрежи поради тоа што на одделни делници тие се од несоодветен материјал – салонит, поминуваат низ имотите на објекти во овие региони, а заради тоа се недостапни за одржување од страна на ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Како што денеска соопшти ЈП Водовод и канализација – Скопје се јавуваат и зачестени дефекти токму поради нивната старост. – На ул. Елисие Поповски, од ул.„Мајка Тереза“ до раскрсница со ул.„Киро Гавриловски“ се јавува потребата од поврзување на два големи постоечки цевководи Ø200мм на ул.„Мајка Тереза“ и од другата страна со Ø150мм на делот од ул.„Елисие Поповски“ на раскрсницата со ул.„Киро Гавриловски“ каде веќе постои реконструирана водоводна мрежа Ø150мм. На овој начин ќе се овозможи оформување на циркулационен прстен и ќе се создадат услови за нова преработка на поврзувањата на останатите улични мрежи од уличките кои гравитираат кон ул.„Е.Поповски“ како од левата така и од десната страна, појаснуваат од ЈП Водовод и канализација – Скопје. Со реализација на овој основен проект, стои во соопштението, ќе се создадат услови и за приклучување или поврзување на постоечките објекти на оваа нова линија.

Со проектот се предвидени и 60 огрлици, со што постоечките наши корисници ќе добијат нова приклучна инсталација. Водоводната мрежа односно сите цевки, како и самите фасонски парчиња и арматури ќе бидат од материјал дуктилно железо односно ќе биде изградена нова водоводна линија со прифил Ø150mm и должина од L=523,00m. Вкупното чинење за реализацијата на објектот, за кој инвеститор е ЈП Водовод и канализација – Скопје, изнесува 11.779.000,00 ден. Во населбата Дебар Маало по делници од ул. „Коле Неделковски“, „Ѓуро Ѓаковиќ“ и „Антоние Грубишиќ“ водоводната мрежа е иста од периодот кога е направена.

-Во овој дел се изградија многу нови објекти и неопходна беше потребата од реконструкција или доизградба на одделни делници во речиси еден ист локалитет. Реализација на предвидените четири делници или кракови кои се дел од овој основен проект ќе создаде услови и за приклучување или поврзување на постоечките објекти на оваа нова линија па затоа со проектот се предвидени и 20 огрлици, со што постоечките наши корисници ќе добијат нова приклучна инсталација, се подвлекува во соопштението. Поединечно предвидена е изградба на водоводна мрежа по: крак 1 по дел од ул.„Коле Неделковски“, со профил Ø100mm. L= 78,34 m, крак 2 по дел од ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“,исто така со профил Ø100mm L=109,94m, крак 3 – доповрзувањето на две мрежи по дел од ул.„Антоние Грубишиќ“ со Ø100mm, L=41,40m, крак 4 – водоводна мрежа по дел од ул.„Ѓуро Ѓаковиќ“ со Ø100mm, L= 51,62m. Водоводната мрежа односно сите цевки како и самите фасонски парчиња и арматури ќе бидат од материјал дуктилно железо односно ќе биде изградена нова водоводна линија со прифил Ø100mm со вкупна должина од L=283,00m. Вкупното чинење за реализацијата на објектот изнесува 5.056.928,00 ден.