
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска информираше дека извршил увид на улица Палмиро Тољати во населбата Ченто.
„Денес бев во Ченто, каде што во тек е реконструкција на улицата Палмиро Тољати со вкупна должина од 2.48 километри. Покрај комплетната реконструкција, се градат и нови пешачки патеки со павер елементи од двете страни на улицата“, истакна Стефковски.
Тој додава дека вредноста на проектот изнесува 37.743.190 денари, средства обезбедени преку вториот јавен повик на Владата на Република Македонија.
„Градежните активности се одвиваат според планираната динамика и во согласност со временските услови. Овој проект е дел од поголемиот бран инфраструктурни инвестиции што ги реализираме во општина Гази Баба со силна поддршка од Владата“, посочи Стефковски.
Инвестициите во патната инфраструктура, како што вели градоначалникот Стефковски, создаваат подобри и побезбедни услови за движење, го олеснуваат сообраќајот и ги поврзуваат граѓаните. Дополнително, вели, тие носат економски развој, привлекуваат нови бизниси и ја зголемуваат вредноста на секоја локална средина, а квалитетната градба значи долгорочна стабилност, помалку дефекти и поефикасно користење на јавните средства.