
Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески информираше дека детското игралиште познато како „Бумбари“ во населба Ново Лисиче целосно се реконструира.
Како што посочи Митески, старите и дотраени реквизити се заменуваат со нови, современи и безбедни содржини, а се поставува и нова заштитна подлога за безгрижна игра на најмладите.
„Ова е едно од омилените места за дружење на децата од овој дел на населбата, каде што секојдневно се создаваат нови пријателства и спомени. Токму затоа вложуваме во простори исполнети со детски насмевки и џагор“, истакна тој.
Градоначалникот исто така додаде дека Општина Аеродром периодов активно работела на комплетна санација и поставување нови реквизити на осум детски игралишта, од кои две се целосно новоизградени, создадени од темел.
„Екипите денеска работат и на детското игралиште во непосредна близина на ООУ „Димитар Македонски“ во населбата Лисиче. Паралелно се реконструираат и повеќе спортски игралишта, со цел секоја населба да добие поквалитетни и побезбедни простори за игра и рекреација“, нагласи Митески.
Тој воедно апелираше до жителите за заеднички да ги чуваат овие игралишта.