Се размислува казните од „Сејф сити“ да се плаќаат преку специјализирана апликација - би се добивал единствен код за плаќање на казната

Началникот на Секторот за внатрешн работи (СВР) Скопје, Сашо Топаловски, во синоќашното гостување на „Сител“ истакна дека системот „Безбеден град“ (Сејф сити) ги снима и табличките во боја на службените возила, меѓутоа не се знае дали службените возила ќе влезат во списокот на исклучоци од казни заедно со тие на противпожарните служби и на итната помош кога интервенира на терен.

На прашањето дали ќе се казнува за возење 1 километар над дозволената брзина тој не даде прецизен одговор туку рече дека се разгледува праксата во други држави и градови во Европа.

Возилата пак од ВИП карактер, во кои се возат носителите на највисоките идржавни функции нема да бидат казнувани, бидејќи се движат под посебен сообраќаен режим.

Тој посочи и дека се размислува и како ќе се одвива плаќањето на глобите.

„Ни стојат на располагање процедурите што сега ги имаме – треба да стигне прекршочниот налог и потоа одите во банка да го платите. Многу граѓани имаат апликации (на мобилните телефони) преку кои можат да платат. Една голема категорија граѓани, пак, не верува во тој начин на плаќање и оди во банка, што ќе мора да го направи и во овој случај. Размислуваме за една специјализирана апликација каде што ќе има број што ќе го добиете и кој ќе биде единствен за плаќање на таа казна. Техничарите размислуваат за една таква апликација“, изјави началникот на СВР Скопје.