Се прават ли измами со ваучерите за туризам?

Се прават ли измами со ваучерите за туризам? На социјалните мрежи често може да се видат огласи од луѓе кои ваучерите ги продаваат за пониска цена од вредноста.

Се јавивме кај неколку издавачи на сместувачки објекти кои работат со ваучери за да прашаме дали може да се закаже сместување иако ваучерот гласи на име на друго лице.

Пазарната инспекција минатата недела спровела неколку инспекциски надзори во Охрид и Струга за да провери дали ваучерите ги користат лицата кои ги добиле или тие се препродадени на трети лица. Оттаму информираат дека поднесени се три кривични пријави, две во Охрид, во Градиште 1 и Градиште 2, и една во Струга, но има неколку сомнителни случаи кои дополнително ќе се проверуваат.

Лицето на чие име гласи ваучерот мора да биде физички присутно во сместувачкиот објект и да биде заверено во книгата на гости. Меѓутоа, пазарните инспектори не можат да ги идентификуваат гостите за да докажат дали навистина тоа лице е сместено во објектот или приложена е само копија од лична карта.

До денеска, искористени се 7013 ваучери, најголемиот дел во Охрид и во Струга. Министерството за економија досега има изададено над 95.000 ваучери.