Се поставуваат знаци за парцелите на гробиштата „Бутел“

Градот започна со бележење на парцелите на градските гробишта во Бутел. Во моментов се поставуваат метални шипки на кои ќе се постават табли со броевите на гробните парцели.

На тој начин граѓаните веќе нема да талкаат низ гробиштата кога ќе сакаат да посетат нечиј гроб и полесно ќе се ориентираат водејќи се од обележаните табли на кои ќе бидат назначени броевите на парцелите и на гробните места. Сите делови на гробиштата ќе бидат претставени и на посебни мапи. Од Градот не соопштија колку ќе ги чини проектот за бележење на парцелите и поставувањето на таблите. 

„Град Скопје реализира активности за обележување на парцелите на градските гробишта ’Бутел’. Во моментов се поставуваат столпчињата, а потоа ќе бидат поставени и таблите со броевите н парцелите за да се заокружи проектот за бележење на гробиштата. За полесна ориентација на граѓаните ќе бидат поставени и три паноа со мапи на кои ќе бидат јасно обележани сите делови и парцели на гробиштата“, велат од Градот.