Се поставуваат сајлите на висечкиот мост кај МНТ

Деновиве работници на градежната фирма “Бетон” ги поставуваат сајлите на висечкиот мост кај Музејот на македонската револуционерна борба и МНТ.

Овој мост требаше да биде основа за Панорамското тркало, но новото раководство на Град Скопје на чело со градоначалникот Петре Шилегов во април годинава одлучија да го пренаменат во висечки пешачки мост со проѕирна ограда за да не го попречува видикот од мостот “Гоце Делчев” кон Камениот мост.

Претходно, Шилегов беше категоричен дека мостот ќе биде целосно урнат за да се ослободи коритото на реката Вардар и намали опасноста од излевањата.

Пренамената и дозавршувањето на мостот се прави со цел, како што изјави Шилегов, “за да не пропаднат залудно милиони евра пари на граѓаните”. Тој во изјава за весникот “Вечер” истакна дека по мостот ќе може да се движат пешаци дури напролет.