
Општина Карпош продолжува со акцијата за подигнување на стари и отпадни возила без регистарски таблички кои се оставени на јавни површини. Акцијата се спроведува во соработка со друштвото за управување со отпад „Греен роад“.
Од Општината информираат дека согласно законските прописи, на возилата прво им се поставува соодветна налепница со која сопствениците се известуваат за нивната обврска да ги отстранат од локацијата. Доколку сопствениците не го сторат тоа во предвидениот рок, општина Карпош во координација со овластениот колективен постапувач ќе изврши дислоцирање на возилата.
Од локалната самоуправа апелираат до граѓаните кои имаат вакви возила, а на кои веќе им е поставена налепница и е спроведена инспекциска постапка, навреме да ги отстранат. Во спротивно, возилата ќе бидат подигнати на трошок на сопствениците и транспортирани во собирен центар – депо, каде ќе останат седум дена, по што ќе бидат испратени на рециклирање.
Акцијата ќе продолжи сè до целосно отстранување на сите отпадни возила од територијата на општина Карпош.