Се переле улици и се расчистувале депонии - генералка на Скопје ноќеска

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски доцна синоќа, во објава на Фејсбук сподели дека додека градот мирува, на терен се случувала генералка на Скопје.

„Од доцните вечерни часови, сѐ до рано наутро, екипите се на улиците. Се перат сообраќајници, се собира отпад, се чистат јавни површини и се отстрануваат мини депонии кои не смеат да бидат слика за нашиот град. Скопје заслужува да биде чист, уреден и достоинствен град“, истакна Ѓорѓиевски.

Како што вели, чистотата не е само обврска на институциите туку заедничка одговорност на сите, па во таа насока упати апел до сите за да не се фрла отпад каде што не му е место.

„Да покажеме почит кон улиците по кои одиме, кон парковите во кои се одмораме, кон населбите во кои живееме. Нашиот народ заслужува чисто Скопје. Нашите деца заслужуваат поубава слика од градот. А ние имаме обврска тоа да го обезбедиме. На терен сме до рано наутро, за утре скопјани да се разбудат во почист, поуреден и поубав град“, порача градоначалникот.