Се отвора Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации

Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје денеска го отворија новиот Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации во Скопје. Центарот, како што соопшти Министерството за здравство, ќе обезбедува централизирани информации во реално време, следење на состојбите, известување и совети за тоа како да се постапува  во случаи на настани и вонредни состојби поврзани со јавното здравје.

– Обединувајќи ја на едно место епидемиолошката стручност од Институтот за јавно здравје, Центарот ќе нуди дигитални решенија за еден систем на рано предупредување со цел навремено известување и детектирање на настани поврзани со јавното здравје, појаснуваат од Министерството.

Центарот ќе ги подобри надзорот и координацијата меѓу епидемиолозите, лабораторискиот кадар и експертите за јавно здравје од десетте центри за јавно здравје и 21 подрачна единица во земјава.

– Ѝ честитам на Северна Македонија за нејзината посветеност кон јакнењето на капацитетите на јавното здравство за борба против КОВИД-19. Овој нов центар е пионерски пример за тоа како СЗО може, во партнерство со националните надлежни органи, да ја зацврстува здравствената сигурност и да собира што повеќе информации релевантни за јавното здравје кои се потребни не само за борба против актуелната пандемија туку и за идните вонредни состојби што може да се случат во годините пред нас, изјави д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

СЗО, како што наведуваат од Министерството, помага околу операционализацијата на Центарот, така што обезбедува технички насоки и еден експерт за јавно здравје кој ќе биде составен дел од националниот тим.

– Оваа поддршка ја овозможи организацијата USAID која обезбеди неповратна помош за оваа намена. Заедничката надворешна евалуација на подготвеноста на Северна Македонија и на нејзиниот капацитет за одговор на здравствени вонредни состојби, спроведена минатата година, препорача основање на еден ваков центар. Центарот ќе придонесе кон изградбата на националниот систем за одговор на здравствени вонредни состојби и кон исполнување на обврските од Меѓународниот здравствен правилник (МЗП, од 2005 година), се вели во соопштението.

На отварање на Центарот, министерот за здравство Венко Филипче и се заблагодарил на СЗО за континуираната поддршка во борбата против КОВИД-19.

– Овој центар за дејствување при здравствени вонредни состојби ќе биде од критична важност за подготвеноста и реакцијата на државата. За време на епидемии, Центарот ќе работи нон-стоп, т.е. 24/7, 365 дена годишно, така што ќе дава поддршка при носење одлуки, тековно работење, поврзување, информирање на населението за ризиците, (пре)распоредување на персонал, колкав број вработени се потребни, логистика и планирање, истакнал Филипче.

За време на настанот, д-р Џихан Тавилах, претставничка на СЗО во земјава, се осврнала на тоа како соработката на СЗО со Министерството за здравство во овој заеднички потфат би можело да ги информира другите земји од Западниот Балкан за тоа како да ги зголемат институционалните капацитети во делот на здравствената сигурност и собирањето информации релевантни за јавното здравје.