Се менува законот: Новини во плаќање долгови и извршување

Граѓаните можат да здивнат - за заборавените сметки за струја, парно, вода, телефон, кабелска и одржување згради ќе платат толку колку што должат. Пратениците го изгласаа новиот закон за извршување, кој предвидува вонсудска наплата, односно можност лицето да ја плати само сумата што ја должи во предвидениот рок и со тоа да ги избегне високите судски трошоци и блокада на сметката.

- Со вонсудската наплата ќе се решаваат оние предмети што не го надминуваат утврдениот паричен лимит, и тоа за комуналните сметки (струја, парно, вода) до 6.000 денари и за телефон, кабелска и одржување на зграда до 2.000 денари Тоа ќе значи дека доверителот пред да почне каква било постапка за тужење, со покана прво ќе се обрати до должникот, каде што ќе го повика да го плати долгот во рок од 15 дена. Ако долгот се плати во предвидениот рок, должникот нема да има никакви, односно ќе има занемарливи трошоци - изјави Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители на РМ.

Старите долгови им задаваа главоболки на граѓаните. За неплатена сметка од 3.000 денари сумата можеше да достигне и до 16.000 денари. Од овие пари трошоците за камати и судски такси изнесуваа околу 1.100 денари, за адвокатски и нотарски трошоци од 8.000 до 9.000 денари, извршителот наплаќа 2.500 денари, што значи сумата би била пет пати повисока од основниот долг.

- Со новиот закон тоа ќе се исклучи, но само ако долгот се плати во предвидениот рок. Ова значи за неплатена сметка за вода од 3.000 денари должникот преку извршителот ќе го плати долгот зголемен за занемарливи трошоци и камата што нема да бидат поголеми од 5 до 10 отсто од самиот долг. Но ако по истекот на рокот не ја плати сумата што ја должи, повторно се оди на постапка на тужење, која неколкукратно ќе ги зголеми трошоците - додава Петрески.

Новина во законот е и тоа што нема веднаш да се пристапи кон блокада на сметка. Задолжително ќе биде предупредување пред присилно извршување. Досега граѓаните најмногу реагираа дека не биле предупредени и воопшто не знаеле дека против нив се води некаква постапка. Напротив, кога ќе видеа дека сметката им е блокирана, се информираа каде и за што се тужени. Исто така, за деблокада на сметката мораа на банката да ѝ платат од 1.000 до 1.500 денари, во зависност од тоа која банка ја извршила блокадата.

Собранието на Република Македонија, на 98-та седница, одржана на 5.4.2016, година го донесе Законот за извршување. Донесувањето целосно нов закон за извршување е во насока на прецизирање на законските одредби во делот на постапувањето на извршителите при спроведувањето на извршувањето, надминувањето на различните постапувања од страна на извршителите, како и пропишување јасни законски одредби за ефикасно спроведување на извршувањето. Законот ќе стапи во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а ќе почне да се применува по четири месеци од денот на неговото стапување во сила.