Се гради првиот професионален калистеника парк на отворено во Аеродром

Првиот професионален калистеника парк на отворено во Аеродром е реалност. Денеска ја отпочнавме првата фаза од изградбата на мултифункционалниот фитнес-комплекс KANAK K-030, покрај булеварот „Србија“ во непосредна близина на „Лукоил“, информираше утрово градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.

Станува збор за систем на справи од светски реномираниот бренд Kenguru PRO, наменети за калистеника и вежбање на отворено, како и организирање на меѓународни натпревари.

 Со овие справи, сите граѓани, без оглед на возраст и кондиција, ќе имаат можност да вежбаат, да ја подобрат физичката форма и да го зајакнат своето здравје, на само неколку чекори од својот дом.

Справите се поставени со цврсти алуминиумски стеги од TÜV-сертифициран квалитет, што гарантира безбедност и долг рок на употреба.

Исто така, како што посочи Митески, во рамките на овој спортски комплекс ќе биде изградено и првото залетиште со тартан патека и корито со песок кои ќе служат за скок во далечина.

„Продолжуваме со вложувања во спортска инфраструктура, здрав живот и нови содржини за нашите граѓани, а Аеродром продолжува гордо да го носи епитетот најспортска општина во Македонија, порача градоначалникот.