
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски денеска во објава на Фејсбук истакна дека заедно со Град Скопје ја градат пешачката патека и го чистат коритото на реката Серава во Бутел 1.
„Едно од најголемите барања на граѓаните на општина Бутел денес се реализира со поддршка на Град Скопје. Проектот кој повеќе децении беше ветуван на граѓаните на општина Бутел станува реалност и се гради со одлична донамика“, вели Костовски.
Посочи дека заедно со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски го чистат речното корито и ја градат пешачката патека покрај реката Серава, притоа нагласувајќи дека овој дел од речното корито се чисти по повеќе од 20 години.
Патеката ќе биде во должина од 1.590 метри, а ќе добие и ново лед осветлување и нови клупи. Целиот простор ќе биде дополнително оплеменет со зеленило и ќе се изградат и нови детски игралишта.
„Заедно со Град Скопје го менуваме ликот на општина Бутел, заедно ќе спортуваме и ќе рекреираме на новиот кеј“, порача градоначалникот.