Се е подготвено за Бадник

Во петок, на платото пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе се одвиваат завршните активности во рамките на годинашниве Бадникарски свечености.

Новиот кум Радко Манов ќе го прими преодниот ќуп од рацете на поглаварот на Македонската православна црква г.г. Стефан и заедно со минатогодишниот кум Илија Малинковски ќе заминат со пајтон, препознатливото превозно средство за Скопје, поздравени од граѓаните кои ќе ја проследат и оваа 25-та прослава на Бадник во Скопје.

Традиционално средбата ќе започне со химната исполнета од Силви Бенд и осветувањето на бадниковите гранчиња, нафората и топлата ракија и чајот, по што делегација на Одборот за прослава заедно со кумот за Бадник 2017 ќе замине за Злокуќани во домот за стари лица за да им ја пренесе атмосферата на сограѓаните со осветеното Бадниково гранче и да им однесе пригодни подароци за Бадник.

Врвот на прославата се обраќањето на поглаварот на МПЦ г.г. Стефан, здравицата на Љубиша Николиќ, кусото обраќање на скопскиот градоначалник Коце Трајановски и на годинешниот кум Радко Манов, кршењето на погачата со паричка и примопредавањето на преодниот пехар.

Членовите на Здружението Одбор за традиционална прослава на Бадник во Скопје се подготвени, како и години наназад, во целост да придонесат за продолжување на традицијата на пладневно дружење пред Бадник во пресрет на најсветлиот христијански празник Божик и ги канат скопјани на платото пред Соборниот храм за да ја почувствуваат позитивната енергија и покрај студеното време.