СДСМ: Ново покачување од 6 проценти на пензиите во март

Владејачката СДСМ соопшти дека во март идната година се очекува ново зголемување на пензиите од околу 6 проценти. 

Со тоа, пензиите во период од 12 месеци, ќе се искачат за околу 16 отсто, соопштија од СДСМ, коментирајќи дека од почетокот на годината пензиите на сите 330.000 пензионери се поголеми за 10 отсто.

„Согласно новата методологија, пензиите годинава се покачени во два наврати, во септември за 6,8 отсто и претходно во март за 2,9 проценти. На ниво на просечна пензија само со последното покачување од 6,8% значат дополнителни 1.200 денари месечно плус за пензионерите кои примаат просечна пензија а повеќе и за оние со над просечната пензија“, велат од партијата.

Новата методологија подразбира пензиите два пати годишно да се усогласуваат со растот на просечната плата и растот на трошоците на живот.

„Воспоставениот метод за усогласување на пензиите, утврден низ инклузивен пристап и дијалог со засегнатите страни гарантира, системско, а не паушално, зголемување на пензиите, независно од нечија политичка волја. Благодарение на одговорните политики на СДСМ денес пензискиот фонд е стабилен, пензиите растат и се исплаќаат навремено“, се додава во соопштението на СДСМ.