Сашо Клековски - нов министер за здравство! Кој е тој и ќе успее ли да го унапреди ресорот?

Собранието вчеравечер со 69 гласа „за“ ги избра новите осум министри во Владата, предложени во рамки на владината реконструкција.

Ресорот здравство ќе го предводи Сашо Клековски, кој доаѓа од позицијата директор на Фондот за здравствено осигурување.

По професија е лекар, а има и МБА диплома.

Дипломирал на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје, а има завршено и МБА академска програма на Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАЦС).

Клековски е добро познато име во граѓанскиот сектор и јавниот живот. Беше прв ко-претседател на Заедничкиот консултативен комитет на граѓанското општество меѓу ЕУ и Македонија (2007-2010), а од 2013 до 2016 година предаваше претприемнички финансии на УАЦС. Учествувал во подготовката на клучни државни стратегии за борба против корупцијата и соработка со невладиниот сектор. Јавноста го препознава и како долгогодишен колумнист во весникот „Нова Македонија“. 

Клековски е роден е на 13 април 1966 година во Скопје. 

Пред заминувањето во Министерството за здравство Клековски денеска, на прес конференција, ќе даде отчет за работата на ФЗО. На настанот ќе бидат претставени најзначајните реформи, реализираните проекти, унапредувањата во здравствениот систем и постигнатите резултати во интерес на осигурениците.