
Прегазено куче од Македонка во Црна Гора - случај кој со денови ја бранува јавноста, а особено ги допре вљубениците и активистите за заштита на животните.
Според информациите што се споделуваат на социјалните мрежи, жената тврди дека постапила во обид да ги заштити своето куче и своите деца, додека други сметаат дека ваквиот чин не може да се оправда.
Со став се огласи и познатата македонска новинарка и активистка за правата на животните, воедно и уредничка на порталот „Петс“ на макеоднски јазик Мери Јордановска.
- Ме прогонува случајот во Улцињ со денови. Веројатно затоа што цело време се обидувам да се ставам во туѓа кожа и размислувам што би направила јас на местото на жената. И сфатив дека тоа е невозможно. Јас веројатно би се парализирала, би доживеала нервен слом и доживотно би ги носела последиците ако гледам како друго куче и ги распарчува цревата на Љиљана пред мои очи, а јас не можам да помогнам. Друг можеби би викнал полиција. Трет ќе земе стап, може ќе го клоца кучето, некој може ќе се пресмета со газдата…споделува таа во својата фејсбук објава.
- Но, ова што го прави жената (додека факт доживува сериозна траума) е немилосрдно и брутално, језиво до степен човек физички да ја доживува болката на другото суштество. Тоа не го може да го направи секој, туку само луѓе кои во себе носат загрижувачка агресија која ескалира при трауматски настан. Коментарите за нејзиниот изглед се грди за читање и сосема непотребни. Таа е самохрана мајка на две деца, кои сега се сами и не гледам зошто би повикувале на нејзина смрт, линч и убиство, а тоа да го читаат децата. Она што може е да повикуваме на одговорност. И тука доаѓаме до најважното - Црна Гора покажа сериозна одговорност кога станува збор за бруталност и убиство на животни. И на тоа треба да се огледаат нашите институции. Јас со две раце потпишувам дека ако турист во Македонија го направеше ова, сега ќе си беше во својата матична држава и ќе си пиеше кафе, ние тука ќе мрчевме, а недозреаните ќе велеа “де бе, за едно куче се потресовте”. Црна Гора, за жал, преку еден ваков стравотен настан, ни одржа лекција. Дента во Улцињ куче уби куче и човек уби куче. А истражните органи покажаа дека второво е сериозно кривично дело, со надеж дека одговорност ќе има и за газдата на шарпланинецот, гласи ставот на Јордановска.
Под нејзината фејсбук објава, бројни се луѓето кои ги споделија своите искуства со милениците.
- Јас само се ставив во чевлите на жената, да ми ги нападне толкаво куче децата, да ми го распарчи кучето, искрено не знам што во моментот можам да направам... Да повторам децата! Инаку моето најсакано куче Марли беше прегазено, најголема болка што сум ја доживеала. Огромен заштитник сум на животните, не признавам никакво насилство врз нив, не јадам месо само од причина што се убивани за да имаме месо! Но, пак ќе кажам, да не судиме на мајка која била сама со децата од кои едното малолетно, биле нападнати а нивниот миленик распаран. Не го одобрувам прегазувањето на кучето, но само размислувам дали во тој момент жената била при свест од целиот стрес. Притоа, чува куче самата...А и овде можеби непотребно, но ми пречи едно страшно лицемерие, се потегнаа сите да ја распараат жената како згазила куче, а истите имаат за оброк по 3 заклани видови на животни на ден. Ама ова е веќе друго ниво на разговор и свесност! - коментира познатата инфлуенсерка Сања Ристиќ.
Инаку, 46-годишната македонска државјанка Сашка Стојановска и понатаму е задржана во полициската станица во Улцињ, откако пред два дена беше уапсена под сомнение дека со автомобил усмртила куче.