„Саник“: Обврските кон станарите ќе бидат испочитувани во целост, пандемијата, војната во Украина и други објективни фактори го пролонгираа рокот за вселување во зградата

Неколку семејства до редакцијата на „Скопје Инфо“ испратија реакција дека не можа да се вселат во зградата „Hestia“ во населба Аеродром, иако рокот за предавање на зградата бил на 31.12.2022 година, по што следеше реакција од страна на компанијата „Саник“.

Од компанијата „Саник“ велат дека рокот за технички прием на станбената зграда, која се гради на ул. „Пандил Шишков“ бил на крајот на минатата година, меѓутоа додаваат дека во истиот член се наведени условите под кои рокот може да се пролонгира.

„Саник“ наведува неколку фактори кои влијаеле за пролонгирање на рокот за технички прием на зградата, а како еден од нив ја споменува светската пандемија на ковид.

- Изградбата на зградата  е почната со градба и се градеше најголем дел во времето и во период кога имаше пандемија од светски размери, која во голема мера влијаеше во брзината на изведба, а особено преку намален број на работници од изведувачи на различни фази во објектот, а одреден временски период и без да има работници воопшто кога имаше сериозни ограничувачки мерки, велат од „Саник“.

Исто така, друг фактор кој влијаел на интензитетот на изградба на зградата е војната во Украина.

- Нареден факт е војната во Украина, држава која е огромен снaбдувач со репроматеријали за голем број компании во нашата држава, така да дел од компаниите се пренасoчија кон други пазари, а дел од компаниите останаа со отежнат и временски непредвиден увоз, а тоа особено се одрази на собните врати и таркетот- фази во градење на зграда, каде нашиот добавувач, материјалите ги увезува од Украина, додаваат од компанијата.

Дополнителни причини поради кои семејствата сè уште не можат да се вселат во зградата се прикучок на ЕВН мрежата, како и патната инфраструктура, односно улицата која поминува покрај објектот сè уште е во фаза на градење.

- Ова се дел од објективните факти-виша сила, факти кои негативно влијаат и кои имаат свој придонес во малото задоцнување во однос на завршување на објектот. Имено сите преддоговори се со права и обврски за двете страни. Нашите обврски кон купувачите со сигурност ќе бидат испочитувани, особено во поглед на рокот на завршување на објектот во случај на задоцнување со градбата од субјективни причини, се вели во реакцијата на компанијата.