ЈП Комунална хигиена - Скопје преку соопштение известува дека само во декември нивни екипи подигнале и транспортирале 1200 кубни метри отпад. Најголем број диви депонии се отстранети во скопските општини Чаир, Ѓорче Петров и Аеродром.
„Во текот на месецов, ЈП Комунална хигиена-Скопје бележи и голем број интервенции на таканаречените „црни точки“ каде што континуирано непрописно се одлага отпад, лоцирани на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица) - во општината Чаир, улиците Ѓорче Петров, Лука Геров , Христо Батанџиев и Македонска војска - во општината Ѓорче Петров, улицата Васил Чакаларов - во општината Карпош и улицата Димо Хаџи Димов - во општината Кисела Вода“, стои во соопштението
Од ЈП Комунална хигиена – Скопје додаваат дека на овие локации секојдневно се реализираат и интервентни патролни дежурства од страна на Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје, којашто во текот на месец декември изготвила и врачила вкупно 29 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти што се затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота.