Само 15 лица досега се пријавиле за гласање од самоизолација

Само 15 лица досега се пријавиле за гласање од самоизолација потврдуваат извори за Сител од ДИК. 

Иако во земјава има 3 579 активни случаи на заразени со Ковид-19, а вкупно 5000 лица имаат решенија за самоизолација од Државниот здравствен инспекторат. Интересот кај овие лица да се изјаснат на претстојните избори е речиси непостоечки. Рокот за пријавување истекува на 8-ми јули на полноќ, односно за 2 дена. Сите оние кои ќе добијат решенија за изолација по овој рок нема да можат да го искористат своето гласачко право.

За лицата во изолација е издвоен еден цел изборен ден во понеделник на 13-ти јули. Лицата кои ќе се пријават за гласање, а се во самоизолација ќе бидат посетени во своите домови од посебни избирачки одбори, составени од по тројца здравствени работници и претставници на партиите. Тие со скафандери, заштитни маски и средства за дезинфекција ќе одат во домовите на пријавените гласачи за да тие го остварат своето гласачко право. Покрај избрирачките одбори и гласачите ќе треба да носат заштитна опрема, при што на неколку секунди ќе ја извадат заштитната маска за да бидат идентификувани. 

На 14-ти јули ќе гласаат болните и изнемоштените лица како и лицата во затвор и домашен притвор.

На 15-ти јули, среда, ќе гласаат сите останати гласачи од избирачкиот список. За нив гласањето ќе започне во 7 часот а ќе заврши во 21 часот.