„САФ“ со Тони Китановски „Литл Биг Бенд“ на сцената на Таксират

Од редовите на домашната сцена, главната вечер на „ТАКСИРАТ“ ќе го пречека легендарниот македонски хип хоп состав „САФ“ кој ќе настапи заедно со реномираниот џез гитарист и композитор Тони Китановски и неговиот „Литл Биг Бенд“. Едни од предводниците и најзначајните имиња на хип хоп сцената, во оваа прилика за прв пат во придружба на бенд ќе го презентираат култниот „Сафизам“, албумот кој културолошки, музички, метафизички ја претсавуваше македонската хип-хоп сцена на достојно ниво и беше инспирација за следните генерации. Вистинските фанови знаат дека на 7. декември во „Метрополис Арена“ нѐ очекува возбудлив музички момент, но и каква енергија ја исполнува арената кога се „САФ“ на сцена. 

Имено, годинава „САФ“ го потврди својот статус на урбана хип хоп легенда и со одбележувањето на 15 години од издавањето на „Сафизам“, кој е официјално првиот винил на Балкан и еден од највлијателните и најквалитетните музички остварувања на овие простори.

Својата историја пак, „САФ“ ја започна во 1993 година кога Смилен Димитров, Гоце Трпков и Митко Гатаровски ја оформија денес култната група, која функционираше како демо бенд сѐ до 1996 година и објавувањето на првата студиска снимка, насловена „Мис Стон“. Песната веднаш постигна успех во рамки на „Розе Кадилак“ листата на „Канал 103“, каде што беше изгласана за број еден хит, а потполно истиот успех го остварија и следните снимки, „Стиховна Гимнастика“ и „Фатаморгана“. Истата година „САФ“ започнаа и со настапите во живо, од кои запаметени како поинтересни и позначајни остануваат заедничкиот концерт со француската хип хоп група „Monsieur Zoo“ (март 1998), контроверзниот прв соло концерт кој беше снимен, но никогаш емитуван од страна на Македонската телевизија (јуни 1998) и секако, легендарниот момент и нивниот дефинитивно најзначаен настап, концертот за промоција на ЛП „Сафизам“ заедно со еден од најеминентните хип хоп екипи на сите времиња, групата „Das Efx“ од Њу Јорк (19 јануари 2001). Но „Сафизам“, не е единствениот значаен момент кој се поврзува со членовите на „САФ“, кои ги исполнија страниците на македонската хип хоп историја меѓу другото и со првото континуирано одржување на хип хоп забави (секоја сабота од 1996 до 1997 година, во клубот „Пони“) на кои за прв пат беше претставено „фристајл“ рецитирањето во живо или првото телевизиско и радио хип хоп шоу во Македонија насловено „Хипхоптеза“ кое го водеше Митко Гатаровски.

За време на тој период, мотивирани од желбата за подобар квалитет на домашната хип хоп сцена, зад името на „САФ“ забележана е и продукцијата на материјали за други бендови, а видео спотот кој групата го сними за нивната песна „Сафари“ во тоа време го претставуваше врвот на музичката продукција кај нас. Во 2005, „САФ“ се појавија на „Ем-Ти-Ви Адриа“ со видео спот за песната „Раце Горе“ како прв хип хоп артист од Македонија кој се појави на „Ем-ти-ви“ мрежата. Со синглот „Виши ментал“ пак, „САФ“ беа на втората позиција на хип хоп листата на „МТВ блок“ (веднаш зад Snoop Dogg) како единствен артист од Европа во Топ 10 листата. Во меѓувреме, „САФ“ работеа и на материјалот за нивното следно издание „Сафир“, а легендата беше родена.

За главната вечер на ТАКСИРАТ веќе се потврдени и настапите на авангардните словенечки индустријал легенди „ЛАЈБАХ“ и еден од најактивните и најжестоките каталонски бендови „ЛА ПЕГАТИНА“. Покрај тоа, во рамки на офф-програмата на фестивалот ќе се одржат: втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27. и 28. ноември во „МКЦ“, која ќе биде затворена со годинашното издание на „ЛУЗЕР ФЕСТ“ (сабота, 28. ноември), концертот на „РУНДЕК КАРГО ТРИО“ на 30. Ноември во „МКЦ“ и концертот на светската атракција „ТУ ЧЕЛОС“ (2CELLOS) на 4. Декември во „Метрополис Арена“. Наскоро ќе бидат објавени и новите изведувачи кои ќе бидат задолжени за 17. ТАКСИРАТ да го запаметиме како исклучително позитивно доживување од нашето градско (не)секојдневие.