Македонскиот бокс има причина за задоволство. Ален Рустемовски обезбеди пласман во четвртфиналето на Европското сениорско првенство во бокс во Софија, со што е на само една победа од освојување медал.

Рустемовски денеска во осминафиналето го совлада Англичанецот Вилијам Хјуит со 4:1 во одлуката на судиитеи продолжува меѓу најдобрите осум боксери во категоријата до 60 килограми. Со пласманот во четвртфиналето, за медал му е потребна уште една победа.
За Рустемовски ова е втор триумф на шампионатот. Во првото коло тој беше убедлив против Беник Мелккумијан од Луксембург, кого го совлада со 5:0. По победата над Хјуит, македонскиот боксер освои и 150 рејтинг-поени. Четвртфиналниот меч е закажан за 23 септември, а победа во оваа фаза би му донела пласман во полуфиналето и најмалку бронзен медал.
Конкуренцијата во Софија е сериозна. На Европското првенство учествуваат повеќе од 400 боксери и боксерки од 40 национални федерации, а натпреварите се одржуваат во 20 тежински категории, по десет во машка и женска конкуренција. Шампионатот трае од 17 до 25 септември во Софија.
За македонската репрезентација настапот на Рустемовски е особено значаен и поради тоа што тој засега е единствениот наш боксер што продолжува во завршницата. Алим Насуфи беше елиминиран во првото коло во категоријата до 70 килограми, додека Илчо Костовски загуби во воведниот меч во категоријата до 90 килограми.