Во тимот на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија неодамна се приклучи еден необичен, но веќе незаменлив член.

Станува збор за Роџер, 2,5-годишен „чоколаден“ лабрадор, кој за исклучително кратко време се прилагоди на работната средина, персоналот и пациентите, станувајќи омилен меѓу сите што секојдневно престојуваат во установата.
Вдомувањето на Роџер не е случаен или симболичен потег, туку дел од јасно дефинирана стручна насока. Според директорката на Клиниката, проф. д-р Славица Арсова, станува збор за имплементација на Animal Assisted Activities – активности поддржани од животни, кои претставуваат структурирани, но неформализирани активности во кои учествуваат внимателно одбрани животни, најчесто кучиња. Целта е да се обезбеди емоционална поддршка, чувство на смиреност, поттикнување социјална интеракција и подобрување на целокупната психосоцијална благосостојба на пациентите.
„Присуството на куче во терапевтскиот процес создава чувство на сигурност, прифаќање и доверба. Тоа овозможува полесно воспоставување контакт, подобра емоционална регулација и поголема мотивација за активно вклучување во терапијата“, истакнува проф. д-р Арсова. Таа појаснува дека активностите на Роџер вклучуваат средби со пациенти, индивидуално или во рамки на групи, секогаш под придружба и надзор на стручни лица и исклучиво со претходна согласност од пациентите.
Покрај терапевтската улога, Клиниката со овој чекор испраќа и поширока општествена порака. „Со вдомувањето на Роџер сакаме да го поттикнеме и вдомувањето кучиња како хуман и одговорен начин да им се даде втора шанса на напуштените животни и истовремено да се намали бројот на бездомни кучиња“, додава директорката.
За Роџер се обезбедени сите неопходни услови за безбедно и контролирано присуство во установата. Тој има свој бокс и куќичка пред влезот на клиниката, под редовна е ветеринарна контрола, со уреден здравствен и вакцинален статус. За неговата секојдневна грижа се задолжени членовите на персоналот, а постепено, под стручен надзор и со согласност, во одредени активности се вклучуваат и пациентите.
Работниот ден на Роџер започнува во 8 часот наутро во дневната болница. Тој нема контакт со деловите од установата каде што се подготвува храна или се чуваат лекови, а неколку пати дневно има подолги прошетки со вработените или со пациенти-доброволци од дневната болница.
Изборот на лабрадор не е случаен. Оваа раса е една од најчесто користените во активности поддржани од животни, поради карактеристиките што природно одговараат на терапевтската средина. „Лабрадорите се познати по својата смиреност, трпеливост и предвидливо однесување. Тие имаат висока емпатија и социјална интелигенција, интуитивно реагираат на човечки емоции и препознаваат тага, страв или анксиозност, нудејќи утеха преку присуство и контакт, без наметнување“, објаснува проф. д-р Арсова.
Дополнително, лабрадорите брзо учат, лесно следат команди и имаат висока толеранција на физички контакт, прифаќајќи галење и близина без знаци на вознемиреност. Токму овие квалитети, како што велат од Клиниката, во целост ги поседува и Роџер. Со неговото присуство, секојдневието во Клиниката за психијатрија доби нова, потопла димензија.