Родовиот баланс назадува – за 16 години функцијата градоначалник ја извршувале само 13 жени

Во изминатите шеснаесет години, улогата на градоначалничка на општина била доделена вкупно 15 пати, а истата ја играле 13 жени. Улогата на градоначалник, од друга страна, дури 398 пати ја играле мажи.

На Локалните избори 2021 имаше вкупно 299 кандидати за градоначалници. Според родовата застапеност, од вкупниот број кандидати за градоначалници, 91,64 проценти беа мажи, а 8,36 отсто жени.

Исходот од Локалните избори 2021 „во игра“ остави две жени, односно, градоначалнички беа избрани само во две општини на територија на Република Северна Македонија.

Даниела Антоновска, магистер по родови студии со 20 годишно искуство во областа на родовата еднаквост вели дека „за да можете да бидете избрана за градоначалник, треба да бидете кандидирана“, посочувајќи го годинешниот мал процент на кандидирани жени за градоначалник.

– Со текот на годините, наместо да одиме напред во поглед на родовата застапеност и родовата балансираност на листите за кандидати, ние назадуваме. Ова пред сè се должи на немањето на политичка волја и внатрепартиска демократија во самите политички партии како и непрепознавањето од страна на лидерите на политичките партии и на потесното политичко раководство, дека во своите редови имаат жени кои ги имаат истите капацитети, ресурси и потенцијали како и мажите, да бидат лидерки во една локална заедница и да можат и да бидат носителки на една ваква висока функција, вели таа.

Антоновска смета дека и покрај тоа што имаме добра законска регулатива, каде што го посочи Законот за родова еднаквост, националните стратегии за родова еднаквост, најновиот Закон за еднакви можности, на кој се работи во моментов, и сите пропратни документи кои ги имаме во полето на родовата еднаквост, ние, сепак, последниве години назадуваме, пред сè во однос на немањето родов баланс на високите општествени јавни функции. Како предизвик, таа, исто така, го посочи отсуството на квоти за градоначалнички.

– На листите на кандидати за градоначалници немаме квоти, споредбено со листите на кандидати за советници каде што имаме родови квоти. Првите родови квоти беа воведени во 2002 година, тогаш се воведе 30 проценти родова квота. Понатаму, со текот на развојот на изборното законодавство имаше промени, и во 2015 година се усвои и родова квота од 40 проценти. Следствено на тоа, се почитуваше и одредбата на секое трето место да биде застапен кандидатот од помалку застапениот пол, и, соодветно на тоа, ние имаме еден висок процент на жени парламентарки, имаме и повисок процент на жени кои што се членови во локалните совети, меѓутоа, токму поради ова отсуство на квотите имаме многу мал број жени за градоначалнички, посочува таа.

Според неа, ние имаме добра регулатива, меѓутоа, само декларативно, додека, во пракса, состојбата е многу поразлична од она што постои на хартија.

Пет локални избори и петнаесет улоги за градоначалничка

Во изминатите шеснаесет години, улогата на градоначалничка на локална самоуправа била доделена вкупно 15 пати, а истата ја играле само 13 жени.

На Локалните избори во 2005 година, од 85 општини, градоначалнички се избрани во три. Станува збор за Општина Крушево каде свој мандат освојува градоначалничката Лефкија Гажоска, Општина Осломеј – Саније Садику и Општина Центар, каде градоначалничка станува Виолета Аларова.

Четири години подоцна, Локалните избори во 2009 година завршија со резултат од нула жени во улога на градоначалник.

Во 2013 година, од 81 општина, четири градоначалнички успеваат да освојат свој мандат во локалните самоуправи и тоа во Богданци – Анастасија Олумчева, Градско – Жанета Чаушевска, Кисела Вода – Билјана Беличанец и Тетово – Теута Арифи.

‎Најмногу жени на градоначалничката функција има на Локалните избори во 2017 година, кога вкупно 7,40 проценти, односно шест, од избраните 81 градоначалници се жени. На овие Локални избори, Теута Арифи по втор пат ја добива довербата од граѓаните на Тетово, а покрај неа, жени се избрани и во Арачиново – Миликије Халими, Битола – Наташа Петровска, Македонска Каменица – Соња Стаменкова, Могила – Јасмина Гулевска и Старо Нагоричане – Жаклина Јовановска

Својот втор мандат, Жаклина Јовановска го доби на годинешните Локални избори 2021, каде што заедно со Данела Арсовска, новоизбраната градоначалничка на Град Скопје, претставуваат единствените две жени на чело на две локални самоуправи во Република Северна Македонија, Старо Нагоричане и Град Скопје.