Родителите во дилема, МОН најавува физичко присуство на часовите

Чекајќи официјална одлука за тоа како ќе продолжи учебната година, родителите растргнати помеѓу две опции. Преголем ли е ризикот ако се вратат децата во клупите или пак наставата да се одвива по далечински пат?

Дилемата ја мачи и Светлана Димитриевска, родител на две дечиња кои одат на училиште. Таа за Сител вели, работите не се црно бели. Ситуацијата е комплексна и претставува вистински предизвик за справување.  

“Има родители кои мора да се вратат на работа и немаат никакви други услови освен да одат на работа. Тоа се родители кои сакаат децата да им бидат вратени на училиште”

Според Димитриевска, најдобриот модел можеби се наоѓа некаде на средина. 

“Од друга страна, онлајн наставата јас лично сметам дека е пожелна, но како опција. Не сите да се враќаат во училиште, не сите да одат онлајн, туку да им биде понудено на родителите. Кој може да поднесе онлајн, а кој може да поднесе класична настава”

Димитриевска и самата директно е вклучена во образовниот процес. Како наставник по пијано вели дека нејзината настава е специфична и подобро се изведува со физичко присуство, но смета дека во образованието секогаш треба да постои опцијата за далечинско учење.

“Сметам дека овој период треба да се искористи за големи реформи во образованието. Сите негативни последици од короната да ги сфатиме на позитивен начин и тоа да биде поттик, онлајн наставата секогаш да стои како опција”

Компромиси со животот не се дозволиви под ниедна цена, а во овие услови децата не смеат да се вратат во училиште. Вакво барање до сите релевантни институции испраќаат поголем број на родители обединети во ФБ група.   

“Со моменталната состојба и вкупниот персонал со кој располагаат училиштата во целата држава невозможно е да се постигне потребното ниво на хигиена и социјална дистанца. За жал во групата добивме многу поплаки дека повеќе училишта во 21-ви век немаат постојано вода за пиење, а зборуваме за одржување на особено високо ниво на хигиена во услови на пандемија”, сметаат овие родители.

На другата страна и со сосема спротивни аргументи се други родители, исто така групирани на социјалните мрежи. Пролонгираното отсуство од настава ќе има негативни последици по психосоцијалниот развој на децата, е еден од нивните главни аргументи.

Од Министерството за образование, пак, најавуваат брзо објавување на конечниот модел под кој ќе се одвива наставата.

“Она што резултатите од истражувањето спроведено во јуни, кое исто така ќе биде објавено  деновиве, покажува дека најголем број родители, наставници, директори на училишта, се за настава со физичко присуство”

Заменик министерката напоменува дека предвид ќе бидат земени сите околности и сите групи на деца, најавувајќи сеопфатен модел кој на прво место ќе се води од здравствената безбедност.