РКЕ: Потрошувачите приклучени на БЕГ да ги подмируваат фактурите

Потрошувачите кои се приклучени на Балкан Енерџи Груп да продолжат редовно да си ги подмируваат месечните фактури за испорачаната топлинска енергија, велат од Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги.

Од РКЕ истакнуваат дека постојниот вршител на енергетска дејност којшто побарал престанување или на кого му е одземена лиценцата, согласно Законот за енергетика е должен да ја обезбедува јавната услуга се до избор на нов вршител на енергетската дејност, односно во случајов производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија.

-До изборот на нов вршител на енергетската дејност, БЕГ има должност да ја врши јавната дејност за производство, дистрибуција и снабдување на топлинска енергија, нагласуваат од РКЕ.

Оттаму потенцираат дека, согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем, потрошувачот е должен редовно да ги плаќа сметките за испорачаната услуга.

-Потрошувачот има обврска да го плати износот на доспеаната фактура и неплатените фактури од претходните календарски месеци наведени во фактурата за последниот календарски месец – стои во Правилата за снабдување со топлинска енергија, соопштуваат од РКЕ.