По најавата на министерот за спорт Борко Ристовски дека оние спортиски кои земаат помош ќе им биде укината државната пензија не изостанаа реакциите во јавноста. Граѓаните многу добро ја прифатија и дадоа подршка на оваа иницијатива велејќи дека е исправен потег, додека од друга страна, од обложувалниците ваквата одлука беше дочекана на нож.
Скопје инфо му постави прашања на министерот Ристовски да ја објасни подетално оваа негова иницијатива. Тој вели дека на оваа одлука се размислувала долго време и се решиле да повлечат линија до каде може да се оди со ваквото однесување. Министерот додава дека спортистите се луѓе кои мора да бидат пример во општетството, но во исто време мора да се заштитат најмладите да бидат дел од светот на брзите кредити, казината и обложуалниците.
„За оваа идеја јас размислував веќе подолго време и заедно со мојот тим дојдовме до заклучок дека мора да повлечеме некоја линија до каде може да се оди, до каде може ние како министерство и како држава да одиме. Мислам дека потегот беше исправен, на место, затоа што моралот и етиката и човечките вредности се она што треба да претставува еден врвен и успешен спортист. Тоа мора да биде приоритет и мора да знаеме дека тие луѓе кои што ги рекламираат тие казина, брзи кредити и обложувалници се пример на некого во општеството, пред сè за младите. Мора своите деца да ги заштитиме од било каква шанса да бидат дел и од сето тоа. Огромната поддршка што ја добивме од јавноста е најдобра потврда дека овој потег е правилен“ вели Ристовски.
Околу реакцијата на организаторите на игри на среќа дека со ваквата изјава на министерот се загрозуваат нивните работни места Ристовски вели дека тие неговите пораки ги слушаат само делумно и не се засегнати во ниту еден процес
„Организаторите на игри на среќа, она што го кажав го слушнале само делумно претпоставувам, затоа што не се ниту повикани во ниту еден процес, ниту пак се засегнати во некој друг процес, излегоа со некакво си соопштение, бранејќи нешто што не може да се одбрани. Ние како министерство и како држава мора да ставиме граница до каде, што и кој може да е промотор на тие услуги кои тие ги нудат. Сè останато е слободен избор на секој граѓанин“, посочи Министерот
На прашањето зошто би било проблем за нашите спортисти да рекламираат кладилници кога на пример ѕвезда од типот на Никола Јокиќ го прави истото, Ристовски вели дека секој си е одговорен за самиот себе и додава дека спортот носи порака но и одговорност.
„Секој со своја одговорност. Факт е дека обложувалниците маркетиншки преку спонзорства и реклами се присутни на спортските терени. Но, исто така, факт е и дека тоа носи лоша порака за младите, особено кога таа порака ја носат и ја испраќаат оние што треба да им служат како пример, што биле или се нивни спортски идоли. Спортот треба да носи позитивни вредности, здрави навики, спротивно на сѐ она што е со негативен предзнак на другата страна. Сите ние мора да бидеме пример во општеството, без разлика дали се работи за поранешни спортисти или се работи за функционери на било која функција во државата, сите носиме одредена одговорност најпрво кон најмладите, да ги негуваме вистинските вредности. Мислам дека е недостојно за кој било спортист да рекламира спортски обложувалници и казина“ кажа Ристовски
Министерот посочи дека сака да седне со спортистите кои се засегнати од оваа негова одлука и се надева дека дел од нив ќе излезат во јавност и ќе се обидат да ја исправат својата грешка.
„Секако дека има простор за разговор. Најпрво, сакам да се обидеме, како спортисти или како министерство за спорт, да дадеме шанса на секој оној кој што мисли дека направил погрешен потег, не да се извини на министерството, туку да се извини за своите дела и постапки на јавноста, затоа што јас сум сигурен дека сите тие се луѓе кои имаат свест и одговорност. Можеби во одреден период од животот тоа некаде да го заборавиле, човечки е да се простува и јас сум сигурен дека дел од тие луѓе имаат и самокритика и самоодговорност. Сите ние правиме грешки во одреден период од животот и сигурен сум дека дел од нив набрзо ќе излезат во јавност и ќе се обидат да ја исправат оваа своја грешка, намерна или ненамерна. Ќе повторам дека ние спортистите, без разлика дали поранешни или сѐ уште активни, и сите ние што сме директно или индиректно вклучени во спортот, носиме одговорност и треба да бидеме позитивен пример во општеството, но пред сè и над сè, да бидеме пример за младите“, потенцираше Ристовски.