Ревитализацијата на СРЦ Треска зависи и од волјата на Општина Сарај, не само од Градот

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, вели дека политичка волја за обновување на СРЦ Треска кај него како политичар постои, но Град Скопје има одредени ограничувања и од волјата на Општина Сарај. 

Тој на својата страница на Фејсбук објави дека Градот има ограничен делокруг на дејствување, бидејќи Општина Сарај има сопственост над објектите на Треска, а државата е сопственик на земјиштето. 

„Сепак, чувствувам должност да ја информирам јавноста дека од градската каса веќе не се фрлаат во вода стотици илјади евра за СРЦ Треска и за градски плажи, како во времето на мојот претходник Коце Трајановски“, пишува тој на Фејсбук и додава дека:

„Во 2011 година за изработка на елаборат за СРЦ Треска е склучен договор врз основа на кој се исплатени 351.640,00 денари, а во 2013 година е склучен договор за изработка на физибилити студија „за оправданост на договор за ЈПП за реконструкција и одржување на СРЦ Езеро Треска“, врз основа на кој се исплатени 1.168.200,00 денари. 
Покрај тоа, за одржување на зеленило покрај езерото во кое беше забрането капење, Град Скопје во 2012 година потрошил 14.300.207 денари, во 2013 – 9.438.397, во 2014 – 9.253.667, во 2015 – 9.476.684, во 2016 6.150.349, или за 5 години над 48.6 милиони денари или околу 800 илјади евра!“

Шилегов потсетува на недомаќинското работење со буџетот на претходната локална власт, нагласувајќи колку пари биле потрошени за скопските градски плажи и дека истите можеле да бидат пренаменети за целосна ревитализација на езерото Треска, кое е изградено со самопридонес на граѓаните и во минатото беше едно од омилените места за релаксација и рекреација на Скопјани.