Реконструкција на улицата Никола Парапунов во Карпош 4

Екипите на Град Скопје од денеска ја реконструираат улицата Никола Парапунов во Карпош 4, на потегот од од крстосница со булевар Илинден до крстосницата со булеварот Партизански одреди. Во текот на градежните работи ќе се изврши комплетна реконструкција на коловозот по целата должина на улицата од околу 580 метри, реконструкција оштетените делови од тротоарите, како и замена на оштетените рабници и нивелација на постојните шахти и сливници. 

На почетокот на реконструкцијата присуствуваа Градоначалникот Шилегов и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

- Сакам да им се заблагодарам на моите сограѓани за покажаното трпение и разбирање за неопходноста од ваквата интензивна градежна офанзива која ја почнавме од најмалку 2 причини. Првата причина е основната цел, а тоа е развојот и одржувањето на сообраќајната инфраструктура во Скопје, а втората е помагањето на домашната економија во услови на пандемијата на коронавирусот. Градот Скопје нема друга алтернатива, после повеќедецениско неработење, задоволство ми е што паралелно со реконструкциите подигнуваме и нови паркови, правиме редизајн на јавните зелени површини на повеќе локации во градот, а целосно го уредуваме и кејот, како што никогаш досега во изминатите 30 години не бил работен. Граѓаните се сведоци како градот секојдневно се менува во позитивна насока и нивните реакции на промените што ги правиме се само уште една потврда дека сме на прав пат и дека имаме визија која чекор по чекор станува реалност и секојдневие - рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Значајно е да се нагласи дека на оваа улица ќе биде изграден и третиот конектор помеѓу главните велосипедски рути на булеварот Илинден и булеварот Партизански одреди.

- Сакам да нагласам дека ова е втор од вкупно 3 конектори на овие рути кој го градиме само за 2 години после конекторот на 8. Септември – истакна Шилегов.

Градежната офанзива за изградба и реконструкција на скопските улици се одвива со забрзана динамика. Шилегов упати апел до граѓаните да ги почитуваат воведените привремени сообраќајни режими во повеќе делови во Скопје.