Реконструирани полициското одделение и канцеларија во Ранковце и Старо Нагоричане

Заврши реконструкцијата на објектите на полициското одделение во Ранковце и на полициската канцеларија во Старо Нагоричане, информираше денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на објектот во Старо Нагоричане.

Реконструкцијата на двата објекта опфатила санирање и промена на кровната конструкција, промена на прозорците, на внатрешната столарија, изградени се тоалети, заменета е електричната инсталација, извршени се молерофарбарски работи. Објектите имаат и нова фасада, поставено е греење, градени се по современи стандарди.

На територијата на државата реконструирани се вкупно 58 објекти на МВР.

– Овие две станици опфаќаат огромна територија, иако како општини немаме нарушување на безбедносната состојба, таа е мирна и стабилна, без никакви индиции дека може да биде нарушена, меѓутоа сепак беа полициски станици по приоритет коишто беа во многу лоша состојба, изјави Спасовски.

Реконструкцијата на објектите ги подобрува условите за работа на полицските службеници, но и на граѓаните од двете општини.

-Најавувам дека во Старо Нагоричане од полициска канцеларија ќе го смениме статусот на полициско одделение заради тоа што имаме зголемена фреквенција, тука се наоѓаат неколку туристички локации и локалитети, тука е и Меморијалниот центар во Пелинце, Кокино опсерваторијата и многу други, зголемен број на викенд-куќи, се зголемува бројот на жители, генерално во општината, и фреквенцијата на дневно ниво, и токму заради тоа нашата одлука е да го подигнеме нивото на оваа полициска станица, практично да го вратиме на ниво на коешто беше претходно, изјави Спасовски.

Тој изрази благодарност до градоначалниците на општините Ранковце и на Старо Нагоричане за поддршката при реализацијата на проектите за реконструкција.

-По создавање вакви услови, полициските службеници се помотивирани и од нив ќе барам поголем ангажман и активности на територијата на овие општини, бидејќи безбедноста е приоритет број еден за сите нас и таа е многу важна за развојот на двете општини, изјави министерот за внатрешни работи.