Реконструиран првиот и вториот дел од пешачка патека на Јужен булевар

Екипите на ЈП Улици и патишта го асфалтираа првиот и вториот дел од пешачката и велопатека на Јужен булевар во површина од 550 квадратни метри, која по налог на Град Скопје од неодамна почна да се реконструира во насока од градилиштето на Лимак до Стара рампа.

Градежните активности за реконструкцијата, според планот за работа ќе се одвиваат во неколку фази.

Во тек се градежните активности и се врши ископ на земјен материјал, се поставува тампон слојот, рабниците и штом заврши асфалтирањето на еден дел од патеките се преминува на подготовка на теренот за следно асфалтирање.

Вкупна површина што ќе се реконструира е  1.480 квадратни метри, информираа надлежните. 

Екипите денеска ги поставуваат и новите 43 заштитни столпчиња на деловите каде што е асфалтирана површина и ќе продолжат со поставувањето до крај на потегот со завршувањето на реконструкцијата.

-Со поставените заштитни столпчиња се спречува непрописното паркирање на возилата  од несовесни граѓани, а со реконструкцијата на пешачката и велопатека ќе се овозможи полесно движење и ќе се зголеми безбедноста и на пешаците и на велосипедистите во овој дел од градот, велат од Град Скопје.