Регистрацијата на карциноми во земјава на незадоволително ниво

Сè уште не постојат конкретни податоци околу бројот на заболени лица со гинеколошки карциноми во државава - ова е заклучокот од денешната прес-конференција по повод Светскиот ден за гинеколошките карциноми, што се одржа во Деканатот на Медицинскиот Факултет во Скопје, а на која учествуваа еминентни доктори меѓу кои професорот д-р Глигор Тофоски од Медицинскиот факултет во Скопје, проф. Жан Калеја Агуис од Медицинскиот универзитет од Малта, проф. Шерон О’Тул од Даблин и проф. Клејда Харасани од Албанија.

Според професорот Тофоски, потребна е системска активност за да се реши проблемот. 

-Во делот на статистиката би кажал дека регистрацијата на карциноми во Македонија е на незадоволително ниво и не може со сигурност да кажеме ниту околу бројката ниту околу типот на карциноми кои постојат. Одамна се зборува за формирање национален систем на карциноми, меѓутоа очигледно е потребна систематска активност со цел да се реши проблемот - изјави Тофоски.

Калеја Агуис од друга страна, истакна дека во земјите кои се економски недоволно развиени пристапот кон ретките гинеколошки карциноми е потежок.

-Бидејќи овие ретки болести се ретки, тие што имаат поотежнат пристап од социјално-економски аспект секако дека се потешки за дијагноза. Ако некој доаѓа од екононски неразвиена земја има потежок пристап, потешко ќе се дијагностира и потешко ќе добијаат квалитетна услуга за нивното лекување - рече Калеја Агуис.

Младите жени и девојки се најчесто погодени од овие болести, па дури и пред пубертет, па според експертите, дијагностицирањето во тој случај станува уште потешко. 

На глобално ниво приближно 18,5 милиони жени годишно се заболени од гинеколошки карцином, а скоро на секои пет минути, згаснува живот на една жена. Според стручните лица, овие податоци се аларм за потребата од подигнување на свеста за важноста и грижата за репродуктивното и сексуалното здравје на секоја жена, како и значењето на раната дијагноза и навремениот третман на ретките гинеколошки карциноми.

Како што беше истакнато, ретките гинеколошки карциноми ретко добиваат внимание од науката, во клиничките истражувања и здравствената политика. Во таа насока поддржани од „European cooperation in science and technology“, (COST), во периодот од 18 септември до 20 септември, „Македонското Лекарско Друштво“ (МЛД) и „Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари“ (МАГО), ќе бидат организатори на меѓународната работилница наменета за доктори, специјализанти и специјалисти од повеќе медицински области, именувана “Updates on Rare Gynecological Cancer: Focus on Pathological Aspects and Beyond”.

Целта на работилницата е мултидисциплинарниот пристап, вмрежувањето и споделување на знаења меѓу учесниците.