Регионот зафатен од поларен бран - снежни бури во Атина и Истанбул

Целиот региот е зафатен од студен „поларен“ бран. 

Рекордно ниска температура од минус 33,2 Целзиусови степени, утрово е измерена во Црна Гора, во местото Косаница во општина Плевља, потврди метеорологот Душан Павиќевиќ. 

Снежна покривка синоќа ја прекри целата грчка престолнина, при што беше нарушен авиосообраќајот и заробени десетици возачи на патиштата.

Обилните снежни врнежи се ретки во Атина, но градот втора година по ред го погодува снежно невреме.

Најдраматична е ситуацијата на автопатот Атика Одос, обиколница околу Атина која го поврзува главниот град со аеродромот, каде што во моментов сè уште се заробени стотици возила, пренесува грчкиот портал „Катимерини“.

Спасувачките тимови цела ноќ се бореле за да ослободат стотици возачи во време кога бура наречена „Елпида“ ја погоди Грција и ја покри Атина со дебел слој снег, јавува „Ројтерс“. Во акцијата за спасување учествуваат копнени спасувачки единици со тешка механизација и амбулантни возила. 

Снежна бура имаше и во Турција. Во Истанбул повремено продолжуваат обилните снежни врнежи. Летовите во градот се главно откажани. Имаше многу сообраќајни несреќи на замрзнатите коловози. Во несреќата во Арнавуткој се судриле 30 возила.