Речиси милион луѓе ја посетиле Спомен-куќата на Тоше во Крушево

Со музичко-сценски настан, со изложба и во духот на хуманоста денеска во Спомен-куќата „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево е одбележана 11-годишнината од отворањето на овој еден од најпосетуваните музеи во земјава и на Балканот, спомен-домот посветен на Тоше Проески, кој е најголемо обележје на животот и делото на големата музичка ѕвезда.

На одбележувањето беа доделени хуманитарни ваучери на пет социјално ранливи семејства. Се одржа литературно читање на тема „Твојот и мојот непребол“ со творби од поетеси кои ги читаа учениците од Основното крушевско училиште „Никола Карев“, а со истиот наслов беше отворена и изложбата на дела на Снежана Лазарова. Пред присутните со преработки на песните на Тоше настапи саксофонистот Горан Папаз. На вработените им беа доделени и јубилејни награди за 10 години работење во Спомен-куќата „Тодор Проески“.

Директорката на спомен-куќата Лефкија Гажоска вели дека за 11 години бројот на посетители се приближува до еден милион.

– Единаесет години во спомен-домот се чуваат спомените за Тоше Проески, се чува секоја негова насмевка, се чуваат неговите лични предмети, оние што ги добивал од фановите, се слуша неговата музика и постојано имаме посетители. Ја одбележуваме 11-годишнината од Спомен-домот онака како што му прилега на Тоше, со музика, со сеќавања, изложба, со творби и со хуманост. Тоа е скромен настан со кој, на некој начин по пандемиското време, ги отвораме вратите на Спомен-куќата за поголема посетеност. Во спомен-куќата се 360 експонати, а за овие 11 години ја посететиле близу еден милион гости и тоа од речиси цел свет. Сме имале посетители од Кина, Тајван, од европските земји и секако од балканските земји, изјави Гажоска.

Уметникот Снежана Лазарова во техника со ориз изложи 33 дела.

– Идејата беше да прикажам дека во светот на темнината и светлината, преовладува светлоста, вели Лазарова.

Исклучителното архитектонско здание, Спомен-куќата „Тодор Проески“ на Гумење во Крушево има и меѓународни признанија.