Речиси 3,4 милиони евра профит направиле лани извршителите во земјава

Речиси 3,4 милиони евра профит направиле лани 99 извршители, колку што ги има во државава, објави порталот „Пари“, повикувајќи се на податоци од Комората на извршители. Добивките се движат од 1.821 денар до дури 8.019.304 денари, или над 130.000 евра.

Извршителите во текот на 2021 година извршиле над 63.000 присилни наплати. Сумата којашто ја наплатиле во постапките изнесува 130 милиони евра.

Листата на ТОП 10 најуспешни извршители во Македонија за 2021 година, ја предводи извршителката Катерина Кокина од Скопје, а завршува со Славица Ацовска, извршителка од Тетово. Кокина успеала за една година, односно во текот на 2021 година, да направи добивка од речиси 130.000 евра. Кокина, своевремено била најмлад извршител, именувана на 29 години, и како извршител работи 11 години.

На второ место, со профит од 123.000 евра, е поранешниот претседател на Комората на извршители, Гордан Станковиќ. Тој е познат во јавноста по тоа што со години беше неприкосновен во однос на правењето профит. Според информациите кои јавно беа објавени во медиумите, во периодот од 2012 до 2017 година, односно за пет години, Станковиќ направил нето-профит од 1,3 милиони евра, или, во просек, по 260.000 евра годишно.

Токму пласирањето на ваквите добивки во јавноста, како и притисокот на невладиниот сектор, доведоа до извесни законски измени со кои се намалија плаќањата за извршувањата.

Иако не заработиле колку што би заработиле во минатото, во групата на ТОП 10 извршители за 2021 година, најнискиот профит е 78.169 евра, а го направила извршителката Славица Ацовска. 

Извршител Николина Иванова и Николче Диневски се со канцеларии во Битола, извршителот Премтим Ќерими е со канцеларија во Куманово, додека Весна Деловска, Гордан Станковиќ, Зоран Димов и Катерина Кокина се во скопскиот регион. Извршител Дашмир Саити и Славица Ацовска се со канцеларии во Тетово, додека извршител Гордана Џутеска е во струшко-охридскиот регион.