Рецепт за лахмаџун - највкусната турска пица

Лахмаџун е турско јадење кое последниве години е многу популарно и во Македонија.Ако сакате да го пробате овој турски специјалитет, можете многу едноставно да го подготвите дома. Еве го најдобриот рецепт за лахмаџун:

Потребно 
● За тесто:

  1. 400 г. меко брашно
  2. ½ свеж квасец
  3. 1 лажичка шеќер
  4. 1 дл. вода
  5. 1 дл. млеко
  6. 1 лажица маслиново масло
  7. Сол

● За фил:

  1. 200 г. конзервирани домати
  2. 1 кромид
  3. 2 пиперки
  4. 400 г. мелено јунешко месо
  5. 20 г. кашкавал
  6. 4 лажици масло за јадење
  7. Мешан зачин, бибер

Подготовка

● Во соодветен сад соединете ги млекото, водата, шеќерот, квасецот, маслото и малку сол, а потоа постепено додавајте го брашното, месејќи цело време додека да добиете меко и еластично тесто.
Подготвеното тесто оставете го да нарасне.

● Додека да нарасне тестото подговете го филот. Ситно исецкајте го кромидот, а пиперката и конзервираните домати исечете ги на коцки. Кашкавалот изрендајте го на крупната страна од рендето.

● На малку масло ставете да се пржат кромидот и пиперката, а по кратко време додајте го меленото месо, конзервираните домати и зачините. Динстајте додека сите состојки да омекнат.

● Нараснатото тесто поделете го на четири дела, а потоа секој дел рачно развлечете го во облик на пица, внимавајќи краевите да бидат подебели.

● Врз обликуваните пити нанесете го подготвениот фил и изренданиот кашкавал, па ставете ги во рерна да се печат додека да поруменат.

● Сервирајте со ајран, јогурт или кисело млеко.

Добар апетит!