Реакција од Град Скопје: Дрвото пред Универзалната сала е паднато, а не исечено

Градот Скопје реагира на неточните и паушални тврдења пласирани изминатиов викенд во некои медиуми дека пред Универзалната сала се сечат елки стари 50 години, а потоа се шпекулира за причините за сечењето.

Сакаме да ја информираме јавноста дека деновиве пред Универзалната сала беше отстрането едно дрво кое беше оштетено и падна во невремето што го зафати Скопје. До нашите служби пристигнаа голем број пријави и фотографии од граѓаните дека на таа локација е паднато дрво. Поради тоа, екипите на Град Скопје го отстранија паднатото дрво и го расчистија просторот.

Град Скопје сака да нагласи дека во Скопје дрвја се сечат исклучиво по претходно издадено решение и со претходна најава со која ги информираме граѓаните од кои причини е потребно да се исече некое дрво.