Распишан е конкурс, ќе се избираат најдобар хотел, ресторан, туристичка агенција

Министерството за економија стартуваше со годинешниот конкурс за признание за придонес во туризмот, кој ќе ги диференцира најуспешните во категориите хотел (поткатегории: спа, планински, езерски, градски и нова инвестиција), ресторан, сместувачки капацитет од физичко лице, туристичка агенција, туристичка агенција за дојдовен туризам, манифестација од областа на туризмот, туристички водич и најдобар реализиран проект од областа на туризмот.

Конкурсот ќе трае до 9 септември, а најуспешните ќе добијат признанија на традиционалната свеченост на која Министерството за економија го одбележува Денот на туризмот – 27 септември.

„Наградата е нематеријална и има за цел да почит на сите поединци, здруженија на граѓани и претпријатија кои изминатата година дале свој придонес кон растот и развојот на туризмот во Македонија ги потврди добрите практики на сите чинители во туризмот во земјата“, соопшти Министерството за економија.

Новитет е што годинава, покрај туристичките работници преку своите деловни здруженија, предлози за најуспешните во споменатите категории можат да даваат и самите потрошувачи, поточно туристите, преку формулар за аплицирање, кој е ставен на веб-страницата на Министерството за економија, заедно со насоки за аплицирање, со образложение зошто го предлагаат токму тој туристички производ. Предлозите се доставуваат во писмена форма на Формулар за пријава по пошта или преку Архивата на Министерството за економија.

Посебна комисија ќе ги разгледа предлозите и ќе го направи изборот врз однапред утврдени критериуми, а во секоја категорија и поткатегорија предвидено е да се доделат по три признанија.

„На тој начин најтранспарентно, со директно учество на јавноста ќе бидат доделени признанија на најдобрите, кои ќе претставуваат мотивација и за другите чинители во туризмот. Покрај граѓаните, право на предлози за признанија имаат институции, претпријатија, здруженија на граѓани, комори и општини“, соопшти Министерството.